Кејлор Навас: Мирен сум, имам уште две години од договорот!

Кејлор Навас го заврши својот продолжен одмор поради настапот на Мундијалот во Русија и му се приклучи на тимот на Реал Мадрид, кој своите подготовски под палката на Лопетеги ги одработува во САД.

Во последно време, слично како и минатото лето, се споменува доаѓање на нов голман меѓу „кралевите", а на прашањето дали е загрижен за својата позиција, Костариканецот одговори дека е мирен и дека има уште две години од договорор со Реал Мадрид.

„Јас сум мирен, имам уште две години од договорот и во иднина моја цел е да работам на подобрување на својата форма. Уживам во секој момент, полн сум со ентузијазам и едвај го чекам почетокот на новата сезона. Ќе работиме напорно и се надевам дека повторно ќе освоиме голем број на титули. Конкурентноста за место во тимот уште повеќе ме мотивира", изјави Навас.

Кејлор Навас беше еден од клучните играчи на Зинедин Зидан, иако во делови од минатата сезона имаше големи киксеви, по што започнаа шпекулации за доведување на нов голман, а ако минатата година во преден план беше Де Хеа, сега како за нов голман во „кралскиот клуб“ најсериозен кандидат е Тибо Куртоа. 31-годишниот Навас во тимот на Реал Мадрид е од 2014 година, кога дојде од Леванте на „Сантијаго Бернабеу“.