• Саше Љолес
Манчестер Сити би можел да се соочи со една од најтешките санкции во историјата на Премиер лигата, откако повторно се појавија информации дека клубот може да биде казнет со одземање на дури 60 бодови.
Бројката ја објави британскиот водител Алан Бразил, кој тврди дека од два извори добил информација дека токму толкава казна би можела да му биде изречена на клубот од „Итихад“. Според него, санкцијата би можела да се примени во следната сезона, но засега нема официјална потврда од Премиер лигата.
Случајот се однесува на 115 обвиненија за прекршување на финансиските правила во периодот од 2009 до 2018 година. Манчестер Сити беше прогласен за виновен по најголемиот дел од обвиненијата, но клубот поднесе жалба, поради што конечната санкција сè уште не е позната.
Финансискиот експерт Киран Мегваер неодамна посочи дека евентуалната казна би можела да биде во рамките од 50 до 60 бодови, што дополнително ги засили шпекулациите за можната санкција.
Доколку навистина биде изречена казна од 60 бодови, последиците за Сити би биле огромни и клубот би можел сериозно да ја загрози својата позиција во Премиер лигата. Сепак, во овој момент станува збор само за шпекулации, а за висината и времето на евентуалната санкција ќе се знае дури по завршувањето на целиот правен процес.
