• Саше Љолес
Белградска Црвена Звезда се соочува со нова дисциплинска постапка од УЕФА поради случувањата на трибините за време на гостувањето кај Викторија Плзењ (5-1).
Навивачите на белградскиот клуб истакнале транспарент со порака посветена на Ратко Младиќ, а во текот на мечот во неколку наврати се слушале и скандирања во негова чест. Снимка од транспарентот подоцна беше објавена и на официјалните профили на Црвена Звезда на социјалните мрежи.
УЕФА го разгледува случајот под сомнение за „расистичко и/или дискриминаторско однесување“, но и поради истакнување порака која не е соодветна за фудбалски натпревар.
Засега нема конечна одлука за евентуалната санкција. Доколку дисциплинските органи на УЕФА утврдат прекршок, клубот би можел да добие парична или друга дисциплинска казна.
Ова не е првпат Црвена Звезда да се најде во ваква ситуација. Сличен случај се случи во 2017 година, кога нејзините навивачи ја изразија поддршката за Младиќ на натпреварот со БАТЕ Борисов во Лига Европа.
УЕФА тогаш првично ја казни Звезда со играње европски натпревар без публика и глоба од 50.000 евра. По жалбата, финансиската казна беше намалена на 30.000 евра, додека забраната за присуство на публика беше условна.









