Казахстанското „чудо од дете“ официјално пристигна во лондонски гигант!

Челзи продолжува со својата политика на ангажирање млади и перспективни фудбалери, а најновото име во проектот на лондонскиот клуб е Дастан Сатпаев. Казахстанскиот напаѓач денес наполни 18 години, со што и официјално беше реализиран неговиот трансфер од Каират Алмати.

Лондонскиот клуб за неговиот потпис ќе плати околу четири милиони евра со бонуси, сума која претставува рекорд во историјата на казахстанската Премиер лига. Сатпаев со Челзи се обврза на долгогодишна соработка, а договорот е до јуни 2033 година.

Челзи и Каират договорот го постигнаа уште во февруари 2025 година, но поради правилата на ФИФА за трансфери на малолетни играчи, Сатпаев мораше да остане во Казахстан до своето полнолетство.

Младиот напаѓач е продукт на школата на Каират, каде што пристигнал како осумгодишник. За сениорскиот тим дебитираше на само 15 години, а минатата сезона постигна 14 голови на 26 натпревари. Во 2026 година продолжи со одличните настапи, со седум гола и две асистенции на 15 првенствени натпревари.

Сатпаев може да игра како централен напаѓач, но и на крилните позиции. Неговите најголеми адути се брзината, техниката, дриблингот и одличното снаоѓање во завршницата.

Иако штотуку наполни 18 години, Казахстанецот веќе има значајно меѓународно искуство. Тој е најмладиот дебитант во историјата на репрезентацијата на Казахстан, а воедно е и најмладиот стрелец на националниот тим.

Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.