• Иван Димовски
Фенербахче и Жозе Мурињо беа на прагот да избегнат пораз во првото соочување со Лил во рамки од квалификациите за Лигата на шампионите. Турскиот гигант од 79. минута имаше поволен резултат од 1-1, но во самата завршница Едон Жегрова постигна среќен погодок и на својата екипа ѝ обезбеди триумф од 2-1.
Дерби пресметката на оваа фаза од натпреварувањето тргна со ран погодок за домаќинот. Десниот бек Тиаго Сантос прими топка во шеснаесетникот и со помош на блокот успеа да го измами голманот Доминик Ливаковиќ, па од 12. минута Лил поведе со 1-0. По овој погодок во првиот дел двете екипи имаа по еден солиден обид, за Фенер шанса имаше Един Џеко, додека за домаќинот се обиде Џонатан Дејвид, но резултатски промени немаше.
На стартот на вториот дел новото засилување Сент Максимин ги тестираше можностите на Шевалие, но поранешниот ас на Њукасл не биеше доволно добро за погодок. Сепак, четата на Жозе Мурињо не се предаде и „џокерот“ Ирфан Кавечи во 79. минута постигна спектакуларен гол од слободен удар, за молк на трибините и израмнување на 1-1.
GOOLL | Lille 1-1 Fenerbahçe, 80' irfan Can Kahveci
Takip: @futsmart_tvv pic.twitter.com/a0NVRhDfvY
— Süper Lig Yayın (@macyayini009) August 6, 2024
Домашните фудбалери како да не можеа да се помират со примениот гол со сите сили тргнаа по ново водство, а тоа вроди со плод во 91. минута кога Жегрова го совлада Ливаковиќ за конечен триумф на Лил од 2-1.
Интересен натпревар и драматично реми одиграа Динамо Киев и Глазгов Ренџерс (1-1). Украинскиот тим, кој настапува како домаќин на „Арена Лублин“ во Полска, поведе пред крајот на првиот дел преку Јармоленко и беше пред победа. Сепак, Сирил Дресер со погодок во последните моменти од мечот, во 94. минута избори нерешени 1-1 за тимот од Шкотска. ВАР-технологијата ѝ одзеде победа на Спарта Прага, откако ѝ поништи гол во судиското надополнување, па натпреварот против ФЦСБ заврши исто така со 1-1.
На останатите терени Лудогорец славеше на тешкото гостување кај Карабах (1-2), ефикасно реми одиграа Малме и ПАОК (2-2), а Мидтјиланд беше сигурен дома против Ференцварош (2-0).