• Зоран Мишевски
Спротивно на очекувањата, екипите на Ал-Ахли и Кавасаки ќе се борат за титулата шампион во Азиската Лига на шампиони. Вчера во првото полуфинале, Ал-Ахли на Џани Алиоски беше подобар од Ал-Хилал на Митровиќ и Сергеј Милинковиќ-Савиќ со 3-1), а вечерва во Ријад, Кавасаки го совласда Ал-Наср на Роналдо со 2-3.
Ито ги доведе Јапонците во водство уште во десеттата минута, а осумнаесет минути подоцна реплицираше Садио Мане со прецизен удар од работ на шеснаесетникот за израмнување на 1-1. Сепак, на крајот од првото полувреме, Озеки донесе ново водство за јапонскиот тим (1-2). Кога Акихиро Иенага, по асистенција на Ерисон од левата страна, го зголеми резултатот на 1-3 во 76. минута, мисијата стана уште потешка за Кристијано Роналдо и неговите соиграчи. До крајот на натпреварот Ал-Наср успеа само да го ублажи поразот, со ефектен гол на Јахја во 87. минута (2-3).
Само минута подоцна, Ал-Наср можеше да израмни, но Колумбиецот Дуран влезе во конкуренција за промашување на годината, откако се најде во ситуација еден на еден со противничкиот голман, но ја промаши топката!

