ВИДЕО: Катастрофа за Феенорд и Зенит, Демири со Мариупол поразен од Бордо

Во рамките на третото коло од квалификациите за Лига Европа, два резултати силно одекнаа во фудбалска Европа. Имено, тимовите на Зенит и Феенорд со идентични 4-0 се поразени на гостински терен кај Динамо Минск, односно Тренчин.

Иако пред почетокот на натпреварот, руски Зенит беше фаворит, белорускиот Динамо одлично започна и со головите на Николиќ, Квашнински и Галовиц, на полувреме имаше убедлива предност од 3-0. Во вториот дел место реакција од Зенит, домаќините во 67. минута преку Николиќ постигнаа уште еден гол и на крајот славеа сосема заслужена победа.

Слична судбина го снајде и тимот на Феенорд, кој на гостински терен во Словачка беше демолиран од Тренчин. Херој на домаќините беше Манце, кој запиша хет-трик, а еден погодок постигна и Азанго, за убедлива победа од 4-0.

Од останатите тимови, Аталанта славеше убедлива победа на гостински терен со 1-4 против Хапоел Хаифа, РБ Лајпциг на домашен терен со 3-1 ја совлада Крајова, а Бордо триумфираше против Мариупол со 1-3, во меч во кој за домаќините од првата минута настапи македонскиот интернационалец Бесир Демири.