Катарците веруваат дека го надминаа почетниот мундијалски притисок

Селекторот на фудбалската репрезентација на Катар, Феликс Санчез денес на прес-конференцијата пред вториот мундијалски натпревар изјави дека се надева дека неговите избраници се ослободиле од притисокот од отворањето на Светското првенство, кога во првиот дуел беа поразени од Еквадор.

„Се вели дека се учи од грешките. Да се ​​надеваме дека се ослободивме од сите притисоци и тензии кои беа таму на првиот ден од шампионатот. Ние сме мала земја, со малку население. Не знам дали постоела земја како Катар што го организирала Светско првенство. Сигурен сум дека и по првенството, Катар ќе продолжи да работи на подобрување на квалитетот на фудбалот, во рамките на можностите и ограничувањата што ги имаме“, изјави Санчез.

Како и Катар, така и Сенегал со пораз го започна Мундијалот, откако во првото коло загуби од Холандија со 2-0.

Селекторот на Сенегал, Алиу Сисе го најави дуелот утре попладне, прифаќајќи ја улогата на фаворит.

„Се соочивме со еден од најдобрите тимови во светот, со играчи од светска класа. Презадоволен сум од играчите, горд сум на момците. За да постигнете одредена цел потребна ви е посебна состојба на свест. Нашите напаѓачи се способни да постигнуваат голови, тоа веќе го покажаа во минатото, а сигурен сум дека тоа ќе го покаже и утре“, изјави селекторот на Сенегал.

Абду Диало по повредата се врати на тренинзите, додека Шеик Кујате уште е под знак прашалник за натпреварот со Катар. Натпреварот Катар - Сенегал на програмата е утре од 14:00 часот.