Каталонската полиција даде извештај за страотниот инцидент пред Еспањол - Барса

Каталонската полиција издаде соопштение во врска со инцидентот пред почетокот на синоќешниот натпревар помеѓу Еспањол и Барселона. Станува збор за автомобилот што мина низ толпа домашни навивачи и повреди најмалку 13 лица пред стадионот каде што се играше натпреварот.

Објаснувањето на локалната полиција е дека жената што го возела автомобилот испаничила во оваа ситуација, што довело до нејзините опасни постапки.

„Жената вклучена во вчерашниот инцидент добила напад на паника. Таа ја изгубила контролата врз возилото бидејќи навивачите врескале и фрлале предмети кон автомобилот. За среќа, немало посериозни последици“, изјави полицискиот комесар Едвард Салент на прес-конференција, опишувајќи го инцидентот како несреќа.

Во меѓувреме, се појавија информации дека еден од повредените е син на градоначалникот на каталонскиот град Бадалона, Хавиер Гарсија Албиол, кој бил примен во болница со прегазена нога. Од преостанатите повредени, четворица имаат посериозни повреди, а најтешката повреда е скршеница на ногата.