„Кастриоти“ бараат оставка, раководството на Гостивар со реакација: Тоа се „политички групи“

Екипата на Гостивар игра во фантастична форма во новата сезона во Втората македонска фудбалска лига и е единствена без пораз по единаесет одиграни кола. 

Сепак, ниту тоа не ги смири страстите кај навивачите на клубот. Имено, навивачката група „Кастриоти“ повторно бара од турскиот спонзор да го напушти клубот, бидејќи сметаат дека со клубот не се раководи професионално. Според нив, целта на турскиот спонзор била да го промени идентитетот на клубот, бараат социјалните мрежи да се водат на еден јазик и да не се променуваат името и боите на клубот. 

Главниот спонзор, пак, кој за краток период создаде тим кој е претендент за влез во елитата, смета дека навивачката група е политизирана и најави дека нема да дозволи да се растури она што го изградија на почетокот на сезоната.

„Ние сме тим на сите граѓани на Гостивар. Во такви околности, ниедна навивачка група не може да бара оставка од претседателот на клубот кој досега нема ниеден првенствен пораз. Тие што ја бараат оставката се само „политичка група“.

Политичките групи треба да делуваат само во рамките на политичките партии“, се вели во одговорот од раководството на ФК Гостивар.

По единаесет одиграни кола во ВМФЛ, Гостивар ја зазема втората позиција на табелата со осум победи и три реми исходи и еден бод помалку од лидерот Вардар.