Касемиро: Анчелоти ме испрати со солзи, не сакаше да заминам од Реал

Бразилецот Касемиро нема премногу славна етапа во дресот на Манчестер Јунајтед, кој минатото лето плати околу 70 милиони евра за неговите услуги. 

Искусниот играч од средниот ред неодамна рече дека е среќен во Англија, но деновиве го привлече вниманието со една изјава поврзана со неговиот претходен тренер, Карло Анчелоти. Предводникот на Реал Мадрид имал емотивно збогување со Касемиро и не сакал тој да замине, но морал да се помири со одлуката на управата. 

„Се сеќавам дека беше петок кога му реков „да“ на Манчестер Јунајтед. Отидов кај Анчелоти во неговата канцеларија, а тој ме пречека со солзи во очите и ми рече дека не сака да заминам од Мадрид. Јас и Карло имаме посебен однос, но дадов збор на Јунајтед и тоа ми беше поважно од сѐ“, изјави Касемиро. 

Бразилската ѕвезда сезонава одигра само 19 натпревари во Премиер лигата и се мачеше со повреди, а неговиот учинок за двегодишниот престој во Јунајтед е навистина скромен - девет гола и две асистенции.