Карвахал ги потврди мрачните прогнози: Ќе се вратам како ѕвер!

Реал Мадрид запиша рутинска победа на дербито со Виљареал (2-0), но на подолг период остана без искусниот Дани Карвахал, кој се здоби со тешка повреда во втората минута од судиското надополнување.

Дефанзивецот на Реал и шпанската репрезентација по еден судир со Јереми Пино го повреди коленото, по што легна на тревникот, врескаше од болка и на крај со носилка беше изнесен од теренот. Уште веднаш можеше да се констатира дека се работи за сериозна повреда, а мрачните прогнози го потврди и самиот фудбалер, откако во два часот по полноќ објави селфи од брзата помош и напиша:

„Потврдена ми е тешка повреда на вкрстените лигаменти. Морам да одам на операција и нема да играм неколку месеци. Веќе со нетрпение го очекувам почетокот на моето заздравување и ќе се вратам како ѕвер. Ви благодарам на сите за пораките“.

Повредата на вкрстените лигаменти е една од најтешките за спортистите, кои за да се вратат во посакуваниот ритам мораат да отсуствуваат долг период. Затоа се претпоставува дека сезоната е завршена за бекот на Реал Мадрид.