Каран: Задоволен сум со резултатот, ќе видиме што ќе се случи на реваншот

Умит Каран

Екипата на Шкупи со позитивен резултат се враќа од Ерменија, затоа што одигра 3-3 против Пјуник.

Чаирчани може да жалат затоа што не победија, меѓутоа и ремито е позитивен исход затоа што реваншот се игра на домашен терен. Со тоа се согласува и тренерот Умит Каран, кој истакна дека се ќе се решава во Скопје.

„Веќе кажав дека Пјуник има добар тим, затоа што долго време игра заедно. Ние сме нов тим, примивме брз гол, меѓутоа играчите покажаа карактер и направија пресврт. Потоа, поведовме со 1-3, а откако не искористивме неколку шанси, дојде казната. Како и да е, задоволен сум со резултатот, ќе видиме што ќе се случи на наредниот меч. Се надевам дека навивачите ќе дојдат и ќе ни ја дадат поддршката“, изјави тренерот на Шкупи, Умит Каран.

Збор по мечот имаше и капитенот Мухарем Бајрами, кој беше стрелец на два од трите гола за македонскиот претставник.

„Натпреварите во Европа се различни од оние во нашето првенство. Отворивме лошо, примивме гол од пенал, но потоа успеавме да се вратиме, да направиме пресврт, па и да дадеме трет гол. Пјуник е добар тим, неслучајно секоја година игра во Европа. Одушевен сум од двата постигнати гола, имаат додатна вредност затоа што се во Европа. Се ќе се решава во Скопје за седум дена. Мора да сме задоволни од резултатот и се надевам дека дома ќе излеземе како победници“, изјави капитенот Мухарем Бајрами.

Реваншот меѓу Шкупи и Пјуник ќе се игра за седум дена на Националната Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Билетите се веќе во продажба и чинат 100 денари.