Каран: Пјуник гледаше на Шкупи како мал тим, сега сигурно ќе внимава

Шкупи со голем оптимизам го чека реваншот со Пјуник поради добриот резултат во Ерменија на првиот меч (3-3), а тренерот Умит Каран вели дека посакува победа и пласман во наредната рунда од квалификациите за Лигата на Европа.

Чаирчани беа на прагот на победа која во финишот ја испуштија, но и покрај тоа, Каран е задоволен од резултатот и смета дека Шкупи може да го мине Пјуник и да игра во наредната рунда во најмасовното европско натпреварување на УЕФА.

„Можеби никој не очекуваше ваков развој на настаните. Пјуник не гледаше како мала екипа на првиот натпревар, можеби никој не очекуваше резултатот да биде 3:3, но во фудбалот треба да веруваш во себе. Од минатата година во првиот состав имавме само двајца играчи, другото се беше ново. И покрај тоа, одигравме добар меч. Иако губевме, направивме пресврт. Имавме и шанси да поведеме со повеќе од 1-3, но откако не ги искористивме, во европските мечеви грешките не се простуваат. Во првенството имаш право на грешки, но не и во Европа. Сакаме добро да ја претставиме Македонија, затоа што тоа носи плус за сите нас на листата на УЕФА.  Што се однесува до дуелот, не чека еден цврст натпревар, Пјуник е добар противник. Но имаме добар резултат, одиме понатаму дури и со реми. Но, ние нема да играме на 0:0 цели 90 минути, тоа е тешко. Ќе ја играме нашата игра и се надеваме за добар резултат за нашата екипа“, изјави Каран.

Натпреварот меѓу Шкупи и Пјуник се игра в четврток од 20:45 часот на Арената „Тоше Проески“ во Скопје. Билетите за дуелот се бесплатни, а може да се набават пред стадионот во Чаир.