Каран: Никого не обвинувам по поразите, Шкупи ќе биде подобар оваа сезона!

Умит Каран, тренерот на Шкупи, по поразот од Пјуник (1-2) и елиминацијата од квалификациите за Лигата на Европа, истакна дека е задоволен од борбата на својот тим и воедно испрати мотивирачка порака за сите навивачи, дека овој клуб ќе биде далеку подобар во мак-фудбалот оваа сезона.

„Сакам да се заблагодарам на сите за поддршката. Имаше добра фудбалска атмосфера на овој меч и двете екипи одиграа добро. Пјуник е искусна екипа, доста цврста. Многу рано го примивме првиот гол, кој беше одличен. Во второто полувреме покажавме карактер при негатива. Се боревме до последната минута. Можеби да го дадевме последниот гол со глава, ќе завршеше 2-2 и ќе одевме понатаму. Имаме млада екипа, која работи многу. Се надевам дека ќе гледаме нов добар Шкупи во наредната сезона. Никогаш не обвинувам други за поразите, ако некој треба да се обвини, тогаш тоа сум јас“, изјави Каран.

Шкупи втора година по ред игра во Европа и втора година по ред испаѓа во првата рунда. Оваа година „џелат“ беше Пјуник, додека лани ждрепката посака тимот да игра со шкотскиот великан Глазгов Ренџерс.