ВИДЕО: Каракамишев е херој, Силекс преку Струга ТЉ ќе игра Куп-финале!

Фудбалерите на Силекс се пласираа во финалето на Купот на Македонија, откако славеа на гости кај Струга Трим Љум со 0-1 (0-0). Долго на „Градскиот стадион“ во Струга беше изедначено, двете екипи играа претпазливо и немаше премногу вистински шанси. Сепак, мало невнимание резултираше со гол на Каракамишев по центаршут, за триумф на кратовчани. 

Срѓан Захариевски и Горан Симов натпреварот крај Охридското езеро го започнаа со тактичко надмудрување. Како многу пати оваа сезона, Струга и Силекс покажаа дека можат да играат трпеливо, да ги затворат приодите кон својот гол и мирно да чекаат своја шанса, па така беше и попладнево. Кратовчани беа екипа која имаше за нијанса поконкретни акции, повеќе беше на противничката половина, но голот на Мирселовски не беше посериозно загрозен. 

Најинтересната ситуација во првиот дел се случи во 25. минута, откако Силекс постигна гол, кој се чини неоправдано беше поништен поради офсајд. Тантуровски нафрли на пеналтикот, а таму Пепи Ѓорѓиев со глава го матира Мирселовски, но арбитрите веднаш се огласија и го поништија. Сепак, на снимката јасно се гледа дека Миленковски доцни со излегувањето, па кратовчани имаат за што да жалат. До паузата шансите главно беа од прекини, а најзрелата ја имаше Таири од слободен удар, изнудувајќи добра одбрана од Божиновски.

Во второто полувреме, Струга се „разбуди“ и заигра многу подобро отколку во воведните 45. минути. Тежиштето на игра се промени, домаќинот беше во пол-позиција и повеќе го притискаше ривалот. Сепак, одново до израз дојдоа „гранитните“ одбрани на двете страни. Ниту Струга, ниту Силекс не дозволуваа чисти позиции и ризиците се намалуваа како што истекуваше времето бидејќи влогот беше сè поголем. 

Отпорот на домашните конечно беше скршен во 81. минута. Силекс доби слободен удар на изгледна позиција, Ристов наместо да шутира, нафрли на втората статива, а таму со глава Ристе Каракамишев ја смести топката во мрежата на Мирселовски за 0-1. 

Очекувано, стружани тргнаа на сè или ништо. Избраниците на Захариевски го притиснаа Силекс, а по еден вербален дуел кој можеше да прерасне и во физичка прасметка, втор жолт картон заработи Јахја, па Струга остана со десетмина на теренот. Во завршницата домашните фудбалери се обидоа на сите начини, но најблизу до погодок беа кога еден центаршут поради незгодниот ветер за малку не го измами Божиновски. 

Силекс на крајот заработи место во финалето, каде што за ривал ќе ја има Академија Пандев, додека стружани за најголемиот успех во својата кратка историја ќе мора да почекаат.