Капсаров: Баба и дедо ми ги купија првите копачки, благодарен сум за секоја шанса!

„Нашите идни шампиони“ продолжува со нова серија приказни за младите спортисти кои ја градат иднината на македонскиот спорт. Powerade и Gol.mk повторно им даваат простор на оние кои допрва треба да го кажат своето име на големата сцена.

Во второто издание на оваа кампања запознаваме осум перспективни македонски спортисти, млади луѓе кои секојдневно тренираат, се жртвуваат и растат низ спортот. Преку нивните лични приказни откриваме и дел од спортскиот живот невидлив за публиката: поддршката од семејството, влијанието на тренерите, борбата до првите успеси, соништата и предизвиците на патот кон врвот.

Со оваа кампања, Powerade продолжува да ја истакнува важноста на вистинската поддршка во најсензитивните години од развојот на еден спортист. Затоа, следете ја новата генерација која доаѓа и бидете сигурни дека македонскиот спорт има светла иднина.

Ви го претставуваме најефикасниот играч на штипска Брегалница оваа сезона во Втората македонска фудбалска лига, Костадин Капсаров. 20-годишното крило и поранешен У18-репрезентативец на Македонија имаше најдобра сезона во кариерата, со 14 постигнати гола. Тој беше еден од главните играчи на Брегалница, помагајќи му на клубот да го освои првото место на табелата и да обезбеди директна промоција во Првата македонска фудбалска лига. 

За старт на интервјуто, Капсаров ни раскажа за своите почетоци во фудбалот и како се заљубил во оваа игра. 

„Уште од мали нозе прво нешто што беше со мене беше топката. Почнав да играм сам, потоа и со друштвото во маало, до кај седум-осум години кога започнав да тренирам фудбал. Преку Кожуф дојдов во Академија Пандев, по што почнав да ја градам професионалната кариера“, ни изјави Капсаров. 

Најголемата поддршка на фудбалерот кога започнувал биле неговите баба и дедо – тие му ги купиле првите копачки, момент за кој вели дека вечно ќе го памети и дека засекогаш ќе им биде благодарен. 

„Мојата најголема поддршка уште од почетокот беше моето семејство. Дедо и баба ми ги купија првите копачки, кога почнав како млад играч тие беа мојата најголема поддршка. Тие моменти засекогаш ќе останат со мене и ќе ги паметам и вечно ќе сум благодарен за тоа, за секоја шанса која сум ја добил. Не потекнувам од семејство поврзано со спорт, се борев за да станам она што сум денес – фудбалер.“, раскажа младиот играч. 

Академија Пандев, Беласица, Детонит Плачковица и Брегалница се клубовите во кои Капсаров играше во кариерата. Тој вели дека е задоволен од она што го постигнал како играч досега, но секогаш е гладен за повеќе успеси. 

„Секако дека сум задоволен како тече мојата кариера како млад играч. Имам преку 100 одиграни натпревари во сениорски тимови во Втората лига на 20 години, а исто така дебитирав и за Академија Пандев во Првата лига. Со Брегалница успеавме да обезбедиме промоција, бев најдобар стрелец и посебно сум горд на тоа“, изјави Капсаров. 

Од тренерите со кои работел, Капсаров издвои неколку имиња. Од актуелната сезона, пак, вели дека е задоволен затоа што целите кои биле поставени на полусезоната – се остварени. 

„Од тренерите би ги издвоил Милан Василев, Александар Стојанов, Тони Атанасов и мојот сегашен тренер Влатко Костов. Сите многу ми помогнаа да се развијам во добар играч. Околу целите оваа сезона можам да кажам дека остваривме она што си зацртавме, успеавме да го освоиме пехарот во Втората лига и да обезбедиме промоција во повисок ранг.“, истакна македонскиот фудбалер. 

Досега, Капсаров играл за У18-селекцијата на Македонија, а се надева на повик во младинскиот тим заради својата добра форма во Втората лига оваа сезона. 

„Во дресот на Македонија играв само за У18 кога бев таа годишна граница. Сега влегувам во цилус за У21-селекцијата. Не добив повик досега, но се надевам дека во иднина ќе го добијам заради моите добри игри. Имав добра сезона, го заслужувам тоа, но одлуката е на селекторот. Се надевам на повик, но ќе видиме дали тоа ќе ми се оствари“, вели офанзивецот. 

Головите за Капсаров не се притисок, туку задоволство. Вели дека преферира гол пред асистенција, а од погодоците кои ги даде оваа сезона нема да го заборави оној со Шкендија Арачиново, директен ривал за промоција во ПМФЛ. 

„Немам никаков притисок кога играм на терен, верувам во себе, верувам во тимот и сите заедно се бориме за подобри резултати. Од сите голови оваа сезона најдраг ми е оној со Шкендија Арачиново за победа, тоа беше многу тежок и важен триумф и горд сум што го донесов со мојот гол. Гол или асистенција? Секако – гол!“, вели тој. 

Од позициите на теренот, за Капсаров најдобра е десната крилна позиција или „десетка“ – организатор на нападот како полушпиц. За крај тој ја откри и неговата најголема желба, еден ден да заигра во една од најдобрите пет лиги во Европа. 

„Сакам кога играм како десно крило, таа позиција ми одговара, а исто така ми се допаѓа и кога сум „десетка“, или полушпиц. Секогаш се борам на терен да играм и да работам за резултатите. Како млад играч, мојата најголема желба е еден ден да ја претставувам Македонија во една од најдобрите пет лиги во Европа. Секако, и да заиграм за сениорскиот тим на Македонија“, заврши играчот на Брегалница.