• Саше Љолес
Српскиот репрезентативец и капитен на Ајакс, Душан Тадиќ, најверојатно заминува од Амстердам, откако побарал раскин на договорот со холандскиот гигант.
34-годишниот офанзивец од 2018 година е во редовите на Ајакс, но по сè изгледа, неговата етапа во Холандија завршува. Тадиќ бил многу незадоволен од трансфер-политиката на клубот кој решил драстично да го намали буџетот поради неучеството во Лигата на шампионите. Клубот во својата каса има голема празнина од педесет милиони евра, па затоа решил да штеди и да донесе само слободни агенти или играчи за минимална отштета.
Сето ова не му се допаднало на Србинот кој смета дека на овој начин сериозно ќе опадне квалитетот на екипата. Тој секогаш имаше големи амбиции, а воедно беше и главен „мотор“ во тимот. Тадиќ многупати беше поврзуван со трансфер во поголеми европски клубови, но тој секогаш остануваше верен на Ајакс. Се чини дека дојде времето за нивна разделба, а новата дестинација на играчот сè уште не е позната.
Холандските медиуми веќе шпекулираат дека Тадиќ има богата понуда од Саудиска Арабија, но е исклучена можноста тој да се пресели и во некоја од најсилните лиги во Европа. Иако има 34 години, тој сè уште важи за одличен фудбалер кој има уште многу трикови во својата „лепеза“.
Душан Тадиќ настапува за српската репрезентација од 2008 година и досега забележа 98 настапи. Кариерата ја започна во Војводина, а потоа играше уште за Гронинген, Твенте, Саутемптон и Ајакс.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.