Капитенот на Велс ѝ стави крај на 20-годишната фудбалска кариера

Капитенот на Велс и поранешен фудбалер на Арсенал, Арон Ремзи, официјално стави крај на својата богата, 20-годишна играчка кариера. Веста ја соопшти преку социјалните мрежи, каде им се заблагодари на навивачите и на сите клубови за кои настапувал.

„Ова не беше лесна одлука. По долго размислување, решив да се повлечам од фудбалот“, истакна Ремзи.

Тој посебно ја нагласи важноста на настапите за националниот тим.

„Чест ми беше да го носам дресот на Велс и да доживеам толку многу незаборавни моменти. Тоа не би било можно без поддршката од тренерите и луѓето во федерацијата“, додаде искусниот играч од средниот ред.

Ремзи упати благодарност и до навивачите, потенцирајќи дека тие биле со репрезентацијата во сите моменти и во успесите и во тешките периоди. Воедно, не ги заборави ниту клубовите каде ја градеше својата кариера, нагласувајќи дека поддршката од тренерите и стручните штабови му овозможила да игра на највисоко ниво.

Во текот на кариерата, Ремзи одигра повеќе од 250 натпревари за Арсенал, оставајќи значаен белег во клубот од Лондон. За репрезентацијата на Велс забележа 82 настапи и постигна 21 гол, претставувајќи ја својата земја на три големи меѓународни турнири.

Последниот ангажман го имаше во Пумас, кој го напушти во декември, а од септември веќе не беше дел од натпреварувачкиот ритам. Според британските медиуми, 35-годишниот Ремзи се очекува да ја продолжи својата кариера како тренер, отворајќи ново поглавје во фудбалскиот свет.