Капитенот на Лихтенштајн: Ќе се потрудиме да избегнеме сценарио како во Скопје

Николас Хаслер немаше среќа на гостувањето во Скопје и поради повреда беше заменет во првиот дел. Сепак, капитенот на Лихтенштај се очекува да го води нападот во утрешната пресметка. Самиот фудбалер нагласи дека Македонија е одлична екипа, а посочи и во кој сегмент мора да се внимава дополнително. 

„Македонските фудбалери технички се одлични, особено на мал простор. Ние ќе се обидеме да се спротивставиме. Знаеме како поминавме на последниот наш дуел и ќе се трудиме да го избегнеме тоа“, смета капитенот.

Дуелот во Лихтенштајн доаѓа во рамките на седмото коло од квалификациите за пласман на Европското првенство. Избраниците на Благоја Милевски по трите септемвриски ремија мора да се потрудат да прокнижат три бода за „мир во куќа“ и добра атмосфера пред дуелот со Германија в понеделник.