• Иван Димовски

Екипата на Динамо Загреб само стави точка на титулата во првенството на Хрватска, со победата над Горица од 4-1. По крајот на последниот натпревар во ХНЛ, на „Максимир“ беше свечено доделен и пехарот за прваците. Стефан Ристовски и неговите соиграчи прославија и заокружија уште една успешна сезона.
Интересно, при доделувањето на пехарот, капитенот на Динамо, голманот Доминик Ливаковиќ на себе облече дрес од Аријан Адеми. Македонскиот репрезентативец се пресели во Кина, а чуварот на мрежата ја наследи капитенската лента, меѓутоа не го заборави големиот борец...
„Аки на почетокот на сезоната ми даде да го кренам трофејот во Суперкупот. Всушност јас не го ни прашав, само ми рече: Ајде, подигни го ти. Тој ми е пријател, до неодамна беше со нас и важи за вистинска икона на Динамо“, објасни Ливаковиќ.
Адеми остави голем белег играјќи за Динамо Загреб. Низ годините одби повеќе понуди да замине, меѓутоа последната од Кина беше финансиски премоќна. Пред заминување од Динамо е и новиот капитен Ливаковиќ, кој има доста избор каде да ја продолжи кариерата.