Капарос се враќа на директорското место, Севиља ќе добие нов тренер

Една од најнестабилните клупи во Европа во последните неколку години е клупата на Севиља. Најтрофејната екипа во историјата на Лига Европа не се избори за настап во Лигата на шампионите и со тоа заврши циклусот на Хоакин Капарос.

64-годишниот тренер нема да ја води екипата следната сезона, но ќе остане во клубот и веројатно ќе ја извршува функцијата спортски директор која ја извршуваше пред да го наследи Мачин на клупата во февруари.

Со соопштение клубот од Андалузија потврди дека наскоро ќе биде именуван нов предводник и дека Капарос последен пат ќе ја води екипата в четврток во Танзанија во пријателски натпревар. Потоа сите фудбалери ќе заминат на заслужен одмор, а следната сезона ќе ги дочека нов тренер.

По Унаи Емери, клубот не најде постојан избор на тренер, па се менуваа Сампаоли, Беризо, Монтела, Мачин и Капарос.