Кантона влезе во Куќата на славните во ПЛ: Ако требаше некој да биде избран, тоа бев јас

Легендарниот фудбалер Ерик Кантона е новиот член во Куќата на славните во англиската Премиер лигата.

Францускиот ас е првиот од новите шестмина фудбалери кои ќе ја имаат таа чест да влезат во одбраното друштво во англиската елита, а по добиеното признание истакна дека е горд, но не и изненаден што токму неговото име се најде во овој избор.

„Среќен сум и горд, но морам да кажам дека не сум изненаден. Би бил изненаден ако не ме избереа. На списокот имаше скоро 30 имиња. Ако требаше некој да биде избран, тоа бев јас. Другите се одлични, но јас сум извонреден“, рече Кантона.

Кантона своите почетоци во Премиер лигата ги имаше во Лидс, а светска слава доживеа носејќи го дресот на Манчестер Јунајтед. Во англискиот шампионат одигра 156 натпревари, постигна 70 погодоци и освои четири шампионски титули со клубот од „Олд Трафорд“. Кантона е третиот фудбалер кој доби место во Куќата на славните во Премиер лигата, по Алан Ширер и Тјери Анри.