• Зоран Мишевски
Вечерва се одиграа неколку дерби натпревари од 18. коло во француската Лига 1, а убедливи победи остварија Тулуз и Марсеј. Тулуз ја победи Ница со 5-1 на домашен терен, што е нивен трет триумф во последните четири кола и благодарение на оваа серија се проби на седмата позиција.
Идалго и Магри го одбележаа првото полувреме со своите голови, а на почетокот од второто, Ваи ја врати надежта за Ница. Таа надеж не траеше долго, бидејќи Тулуз постигна уште три гола до крајот. Идалго погоди уште еднаш за 3-1 во 55. минута, а потоа Касерес и Вињоло реализираа за конечни 5-1.
Пет гола, но како гостин постигна Олимпик Марсеј вечерва против Анжер (2-5). Тимот на Роберто де Зерби одигра фантастично прво полувреме и постигна дури четири гола во периодот од 19. до 40. минута. Гири ја започна канонадата, а Гринвуд, Траоре и Веа продолжија со голови за недостижни 0-4. Анжер стигна до утешен гол, дело на Збаи на самиот крај од првото полувреме. Во продолжението Паишао ја комлетираше „петардата“ со гол во 88. минута за 1-5. Сепак, тоа не беше конечниот резултат, бидејќи Алевина го ублажи дебаклот на Анжер во судиското продолжение (2-5).
Со оваа победа, Марсеј се издвои на третото место на табелата со 35 бода, а Анжер сега е на единаесеттата позиција со 22 освоени бода.










