• Зоран Мишевски

Поранешниот украински фудбалер и репрезентативец на Советскиот сојуз, Андреј Канчелскис, ја шокираше јавноста со откривањето дека Русија играла наместени натпревари како домаќин на Светското првенство. Планетарниот собир во 2018 година го организираше Русија, а домашната селекција стигна до четвртфиналето, каде по изведувањето пенали беше поразена од финалистот Хрватска.
Русија на отворањето на шампионатот ја победи Саудиска Арабија со 5-0, потоа со 3-1 го совлада Египет, додека во третото коло од групата А беше поразена од Уругвај со 3-0. Шпанија падна во осминафиналето по изведувањето на пенали, по што следуваше споменатиот пораз од Хрватска.
Според Канчелскис, поранешен фудбалер на Шахтјор, Динамо Киев, како и Манчестер Јунајтед и Манчестер Сити, Ренџерс, Саутемптон и други клубови, сите натпревари, освен оној против Хрватите биле „купени“.
„Немам ништо против Черчесов (селектор на Русија од 2016 до 2021 година), но зошто да му честитам? Дека купувавме натпревари? Да, ги купивме сите натпревари до оној кога испаднавме. Ние бевме домаќини и го направивме истото како Јужна Кореја и Јапонија (во 2002 година), кои ги „убија“ Италијанците со судиските одлуки.
Против кого игравме? Против Уругвај кој нè уништи и против Шпанците кои одиграа необјасниво. Беше тоа многу чуден натпревар и верувајте ќе се знае целата вистина за тоа. Дали некогаш сте се запрашале зошто селекторот на Шпанија доби отказ следниот ден?
Мислите ли дека кралот на Шпанија доаѓаше за џабе? Верувај ми, тоа беше специјален договор. Шпанците не ја шутираа топката како што знаат. Играв фудбал, претпоставувам дека разбирам што значи тоа“, изјави Канчелскис за националната телевизија.
Ова четвртфинале на руската селекција е најголем успех по распаѓањето на Советскиот сојуз.