• Мартин Танасковски
Италијанскиот стратег Фабио Канаваро и официјално е нов тренер на хрватскиот клуб Динамо Загреб во чии редови играат двајца македонски фудбалери, тоа се Стефан Ристовски и Аријан Адеми.
Некогашниот освојувач на Златната топка дојде да го гаси пожарот на „Максимир“, затоа што Динамо е далеку од врвот. Ја имаше својата промоција, на која ги сподели импресиите како стратег.
„Тоа е животот. Сè може да се случи брзо, а вие треба да бидете подготвени на сите работи. Пред два месеци ме повикаа од Динамо, па почнав да добивам информации за клубот. Ги проучував играчите и видов како можат да играат подобро. Важно е да се трудат и да го дадат својот максимум, а тренерот мора да ја организира играта за да бидат подобри резултатите.
Имаме многу цели, но немаме време. На средина сме на сезоната и ќе се обидеме да се подобриме за кратко време. Сакам да работам со млади играчи и не се плашам од ништо. Сакам да дадам се за овој клуб.
Се трудам да имам дисциплина како Капело и односи со играчите како Анчелоти. Се обидувам да читам мечеви како Липи и да го организирам тимот како Сари. Се надевам дека ќе можам да споделам такви работи со играчите. Тука сме да развиваме играчи и да освојуваме титули. Сакаме навивачите да бидат среќни.“, изјави Канаваро на промоцијата.
Легендата на „аѕурите“ која има 51 година последен пат го водеше тимот на Удинезе, а низ тренерската кариера беше дел и од Беневенто, Гвангжу Евергранде, Тианџин Кванџијан, Ал-Наср, Ал-Ахли, како и репрезентацијата на Кина.