• Саше Љолес
Селекторот на У21 репрезентацијата на Македонија, Драган Канатларовски, изјави дека не е задовлен од изданието на неговите избраници во „контролката“ против Косово и најави многу посериозен пристап на следниот натпревар против истиот противник.
Македонија загуби со 1-3, а Канатларовски смета дека тимот можел да одигра многу подобро и покрај солидното издание во првото полувреме.
„Секако дека не сум задоволен од конечниот исход, иако одигравме солидно и коректно прво полувреме. Имавме шанси, но не ги реализиравме. Во вториот дел примивме два гола од прекин и мислам дека одигравме катастрофално.
Грешевме многу, не знам дали од трема или од неискуство, но сигурно е дека мораме да се подобриме во многу сегменти. Денес ги видовме слабостите кои мораме да ги искорениме. Момчињата мора да сфатат дека ова е дрес со националниот грб, тука мора да се игра со максимална сила и енергија“, рече Канатларовски.
Македонија ќе одигра уште еден пријателски натпревар против Косово, исто така на тренинг-центарот „Петар Милошевски“. Втората средба со соседите од северот е закажана за 17 ноември.