Канатларовски: Сакам да видам дрскост, веќе добивме еден добар У21-тим

Фудбалската репрезентација на Македонија до 21 година го одработи последниот тренинг пред пријателските натпревари со Ерменија и Малта во Скопје. Селекторот Драган Канатларовски ги сумира впечатоците од сработеното и истакна дека целта е максимално да се воигра екипата, која во септември ќе го понесе товарот во квалификациите за Европското првенство.

„Според унапред утврдениот план и програма која беше доставена до УО, се што побаравме се реализира. Сите натпревари, цела година кои ги играме, се со цел да влеземе во еден добар натпреварувачки ритам за квалификациите. Ни следат две контролни средби со Ерменија и Малта кои доаѓаат во тежок период затоа што доста фудбалери се на одмор и уште немаат почнато со тренинзи со клубовите за новата сезона, меѓутоа репрезентацијата е нешто друго. Знам дека сите со нетрпение ги чекаат собирите и натпреварите, почнувајќи од нас тренерите и стручниот штаб, како и фудбалерите. Се надевам дека ќе продолжиме со добрите резултати и игрите, го очекувам и тоа, затоа што оваа екипа е селектирана доста време. Имаме играчи 2002 и 2003 година, имаме и играчи кои се 2004 година и ги приклучивме и покажаа дека може да се носат со сите.

Тука не е Берат Калкан поради повреда, исто и Кико Тасевски кој се оперира и го чекаме да се врати, тука исто го немаме и Трајчевски, кој настапува во странство, а за кого веќе имам информации дека во последниот натпревар бил дел од тимот. Во иднина ќе бидеме за уште три играчи посилни и за првпат имаме подеднаков квалитет во сите линии – голманска, одбрана, среден ред и напад“, вели Канатларовски.

На последниот турнир одигран во Анталија проблем беше играта во дефанзивата. Селекторот на У21-тимот верува дека овие проблеми веќе делумно се надминати, но мора да се работи со играчите за тие да бидат дрски во одредени ситуации и да имаат чувство кога треба да се избие, да се додава, да се завршува. Испрати апел и до клубовите, дека мора да се работи со младите играчи со цел репрезентацијата да има добар производ.

„Еден проблем во последно време дури и во А-тимот е играта во дефанзива. Најболната точка е тука. Меѓутоа, освен првиот натпревар на турнирот во Анталија кој беше пријателски каде загубивме 0-3, на вториот меч веќе бевме доста подобрени и поквалитетни. Исто беше и во финалето со Словаците кои се силна и квалитетна репрезентација. Покажавме многу квалитет и знаење, само на моменти отсутноста во игра во ситуација кога треба да реализираме, ни фалеше тоа, таа реализација, дрскост и безобразлук да се одлучи натпреварот. Мора да ја добиеме одлучноста, тие се елементите на кои мора да работиме и ние, меѓутоа и сите останати. Клубовите мора исто да работат со играчите, за менталниот склоп да биде подобар и предуслов за добри игри и резултати. Мора ние да влеземе во терен без респект кон никого, но и без потценување. Ако успееме да бидеме тим, а веќе личиме на такво нешто, само тогаш квалитетот ќе дојде до израз. Се надевам дека наесен, во септември кога ги имаме двата најсилни противници – гостувањето во Шведска и домашниот дуел со Холандија – ќе го видиме тоа од националниот тим“, заврши македонскиот селектор.

Пријателскиот натпревар меѓу Македонија У21 и Ерменија У21 се игра утре (четврток) од 17:00 часот на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ при ФФМ.