Кан: Тоа беше најлошиот ден во мојот живот, не ми дозволија да прославам со тимот

Долгогодишниот голман на Баерн Минхен и до неодамна извршен директор на клубот, Оливер Кан доби отказ од управата на Баварците пред натпреварот од последното коло во Бундеслигата против Келн. Иако одредени медиуми пренесоа дека поранешниот голман „полудел“ откако доби отказ, сепак тој ги демантира наводите. 

Кан бил повикан на состанок со Ули Хенес и Херберт Хајнер, кои му соопштиле дека повеќе нема да биде извршен директор на клубот. Клупската легенда сепак ја честита титулата на фудбалерите, а откри дека не му било дозволено да присуствува на натпреварот и прославата. 

„Ова е огромно достигнување. Секогаш ви велев дека можете, горд сум. Ќе бев таму со вас за да прославиме, но за жал од клубот ми забранија. Тоа беше најлошиот ден во мојот живот.

Наводите дека сум полудел кога ми дадоа отказ се лажни. Добив повик од Херберт Хајнер в петокот и бев известен. Бев смирен и разговаравме. Не ми се допадна само моментот кога ми беше соопштено, но ја прифатив одлуката.

Разочаран сум, но среќен за освоената титула“, изјави Кан.

Отказ доби и Хасан Салихамиџиќ, кој ја извршуваше функцијата на спортски директор, но Босанецот сепак беше на теренот во Келн и на крајот ја славеше титулата со играчите и стручниот штаб. Таков не беше случајот со Кан, кој беше далеку од тимот. Легендарниот голман скоро целата своја кариера ја мина во Баерн Минхен и настапи на вкупно 429 натпревари за баварскиот гигант.