„Камп Ноу“ по 30 години пак домаќин на меч за трофејот во ЛШ, европско финале и во Белград! 

„Камп Ноу“ повторно ќе биде сцена на најголемиот натпревар во европскиот клупски фудбал. УЕФА одлучи финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2028/29 да се одигра во Барселона, точно 30 години по последното финале на легендарниот стадион.

За домаќинството „Камп Ноу“ ја доби битката со „Вембли“, а одлуката е донесена во период кога стадионот минува низ голема реконструкција. По завршувањето на проектот, арената ќе има капацитет од околу 105.000 гледачи, што беше еден од клучните аргументи во изборот.

„Камп Ноу“ досега двапати беше домаќин на финалето на Лигата на шампионите, во 1989 и 1999 година, па во 2029 година најголемиот европски трофеј повторно ќе се доделува во домот на Барселона. Последното финале на „Камп Ноу“ беше едно од највозбудливите досега. Тогаш Манчестер Јунајтед со два гола во судиското надополнување направи пресврт и славеше над Баерн Минхен со 2-1.

УЕФА ги одреди и останатите домаќини. Финалето во 2028 година ќе се игра на „Алијанц Арена“ во Минхен, додека финалето на Лига Европа во 2028 година ќе биде во Букурешт, а една година подоцна во Белград. Во Лигата на конференции, домаќини ќе бидат Торино во 2028 и Будимпешта во 2029 година.