ВИДЕО: Калверт-Луин немилосрден и против Ливерпул, големото дерби без победник

Фудбалерите на Ливерпул продолжуваат со слабите игри надвор од „Енфилд Роуд“ и по катастрофалниот пораз на „Вила Парк“ од 7-2, попладнево одиграа само 2-2 во големото „Мерсисајд“ дерби против домашниот тим на Евертон. За англискиот шампион ова беше трето гостинско реми на последните 11 натпревари, покрај четирите порази и четирите победи. 

  • Извештај од натпреварот: 

Иако изморен од настапите за Колумбија и долгите патувања, најголемото засилување на „карамелите“ Хамес Родригез се најде во стартниот тим на Карло Анчелоти, а одлична вест за фановите на Евертон беше враќањето на терените на клучниот играч во средниот ред, Алан. На другата страна пак, Клоп не ги поштеди корона-оздравените Тиаго и Мане, а од најсилниот состав на Ливерпул го немаше само голманот Алисон. 

Големото дерби на англискиот фудбал започна како што посакуваа неутралните фанови, но не и оние на Евертон. По само три минути игра резултатот беше отворен, а прв капитулираше Џордан Пикфорд. По една фантастична тимска акција, Робертсон го проигра Мане, а овој со прецизен удар ја смести топката во мрежата на „карамелите“ (0-1).

Сепак, водството на Ливерпул не траеше долго. Примениот гол како да ги размрда момците на Анчелоти, кои заиграа поанажирано и поотворено, а тоа донесе гол за израмнување на 1-1. Хамес Родригез испрати прецизен центаршут од корнер, а Кин со глава го матира Адриан, за голема радост на домашните фудбалери (1-1). 

До крајот на првиот дел Ливерпул имаше тотална доминација и пропушти неколку изгледни прилики за нов погодок. Александар-Арнолд, Мане, Тиаго Алкантара и Салах не успеаја уште еднаш да го надмудрат Пикфорд, па на полувреме се замина со егал резултат (1-1). Во финишот од првиот дел Анчелоти беше приморан да ја направи првата измена, откако поради повреда мечот го напушти капитенот Колман, а на негово место влезе последното засилување Годфри. Неговиот колега, пак, уште во 11. минута мораше да го повлече првиот потег од клупата, затоа што Ван Дајк по еден судир со Пикфорд се повреди и во игра влезе Џо Гомез. 

Ништо не се промени ниту на стартот на вториот дел. Ливерпул продолжи со отворениот фудбал, но Хендерсон и Фабињо не го најдоа патот до мрежата на Евертон, додека на спротивната страна Адриан интервенираше фантастично при зицерот на Калверт-Луин. 

По почетната иницијатива на „црвените“ Евертон конечно успеа да се ослободи од притисокот и да го растрча противникот. Момците на Анчелоти ја „нагазија“ топката, Хамес се разигра во вистински момент, но Ричарлисон ја пропушти најголемата шанса на натпреварот, откако од само неколку метри го глава ја затресе стативата од голот на гостите. Неколку минути подоцна се закани и Родригез, но Адриан беше присебен и запиша успешна интервенција. И во периодот кога се чинеше дека Евертон конечно ја има контролата врз играта, Мина направи катастрофална грешка и му овозможи на Салах од прва да го совлада Пикфорд и да донесе ново водство за Ливерпул. Со овој погодок, Салах испиша историја, затоа што го постигна својот стоти гол за Ливерпул, а со тоа стана само 17-ти фудбалер на „црвените“ со троцифрен број голови. 

Анчелоти немаше што да брани и по новата негатива направи двојна замена, а Сигурдсон и Ивоби ја донесоа потребната свежина во офанзивата на „карамелите“ и во 81. минута одбраната на Ливерпул по вторпат капитулираше. По левата страна Дињ испрати прецизен центаршут до Калверт-Луин, а англискиот напаѓач ја продолжи фантастичната серија и со глава го врати својот тим во игра (2-2).

Во 89. минута Евертон остана без Ричарлисон кој поради груб фаул заработи директен црвен картон, но Ливерпул не успеа да ја искористи бројчната предност и мораше да  се задоволи само со бод од ова дерби. Додуша, Хендерсон го совлада Пикфорд во 93. минута, но по ВАР прегледите досуден беше офсајд од Мане.

Со ова реми, Евертон останува на лидерската позиција на табелата во Премиер лигата со 13 бода, додека Ливерпул е втор со еден под повеќе од Астон Вила, Лестер Сити и Арсенал.