• Зоран Мишевски

Вечерва на „Сан Сиро“, Милан направи голем кикс во натпреварот од 26. коло од италијанската Серија А. Бод од Ломбардија однесе Салернитана, а „заслуга“ за тоа има дефанзивецот на „росонерите“, Пјер Калулу, кој спречи чист гол за победа во 88. минута.
Причината што натпреварот заврши нерешено лежи во многу слабата игра на домашните фудбалери, но и во ситуацијата во 88. минута кога Пјер Калулу го спречи својот тим да дојде во водство. По центаршутот на Тео Хрнандез, Алесандро Флоренци некако успеа да ја насочи топката кон голот и сите веќе ја видоа во мрежата. Сепак, таму се најде Пјер Калулу, кој падна на самата гол линија, а потоа топката го удри во раката пред да влезе во мрежата. Да не беше Калулу, Милан ќе поведеше со 2-1, со само уште неколку минути игра.
Секако, причината за неуспехот не треба да се бара само во Калулу. Комплетниот тим на Пиоли одигра многу скромна партија и Салернитана заслужено си замина дома со многу важен бод во борбата за опстанок. Со ова реми, Милан ја искомплицира борбата за Лигата на шампионите. „Росонерите“ моментално се четврти со 48 бода, а само бод помалку има петтопласираната Рома. Во следното коло избраниците на Стефано Пиоли ги очекува многу тешко гостување кај Удинезе. На овој натпревар шампионот на Италија нема да може да смета на првиот напаѓач Оливие Жиру, кој вечерва доби петти жолт картон во сезоната.