• Мартин Танасковски
Во натпревар од 33. коло во Серија А, Лече и Фиорентина одиграа нерешено 1-1, во дуел во кој домаќинот остави подобар впечаток во второто полувреме.
- Извештај од натпреварот:
Средбата започна со неколку полушанси на двете страни, а први се заканија домашните преку Кулибали. Сепак, гостите постепено ја презедоа иницијативата и дојдоа до водство во финишот на првиот дел. По убава тимска акција, Пиколи ја спушти топката до Роландо Мандрагора, кој асистираше до Харисон за прецизен удар и водство од 0-1. Фиорентина имаше можност и да ја зголеми предноста преку Пиколи и повторно Мандрагора, но резултатот остана непроменет до паузата.
Во продолжението, Лече заигра поофанзивно и создаде неколку сериозни шанси. Кулибали беше блиску до израмнување, а потоа и Банда се закани, но голманот Давид де Хеа одлично интервенираше. Притисокот на домаќинот конечно вроди со плод, кога Тијаго Габриел се снајде најдобро во шеснаесетникот и погоди за 1-1.
До крајот на натпреварот, Лече беше поблиску до целосен пресврт, а најдобрата шанса ја имаше Никола Штулиќ, но резултатот не се промени.












