• Мартин Танасковски

Екипата на Тетекс одигра доминантен натпревар и осигура второлигашки статус и догодина затоа што му даде шест гола на ривалот Осогово (1-6) во бараж-натпреварот за ВМФЛ.
Кочанчани со подмладен состав немаа шанси против далеку поискусниот ривал и ќе чекаат шанса за Втора лига преку ждрепката. „Штофарите“ одиграа еден фантастичен натпревар во кој дојдоа до убедлив триумф и тренерот Љупчо Марковски ја исполни зацртаната цел. За Тетекс головите ги постигнаа Меритон Салији и Мустафа Јусуф кои беа двојни стрелци, еднаш погодија Трајче Стојковски и Христијан Кировски, додека за ГФК Осгово, стрелаше Драган Цветанов.
Победа забележа и Башкими од Куманово, кој со 3-0 беше подобар од Влазрими и така ќе игра во Втората лига. Двата погодока паднаа во првото полувреме, прво реализира Сами Аљиљи во 16. минута, следен беше Егзон Азири во 23. минута. Во второто полувреме пред самиот крај Егзон Азири со вториот гол ги постави конечните 3-0.
На третиот натпревар меѓу Новаци и Вардар Неготино, регуларниот дел заврши 1-1 и победникот се даде по пенали и тоа беа неготинци. Да напоменеме, од трите поразени екипи ќе бидат извлечени две кои преку ждрепка ќе добијат второлигашки статус.