• Иван Димовски
Фудбалската репрезентација на Чешка доживеа вистински кошмар на Фарските Острови. Чесите прво доживеаја сензационален пораз од 2-1, а потоа и неочекувано беа „заробени“ на островот поради екстремно лоши временски услови. Наместо да заминат за Прага во понеделник претпладне, фудбалерите, стручниот штаб, раководството на федерацијата и спонзорите мораа да се вратат во хотел, бидејќи нивните чартер-летови беа откажани.
Густата магла и силниот ветер целосно го парализираа авио-сообраќајот, а пилотите на авионот што требаше да слета од Осло одбија да ризикуваат при слетување на аеродромот Вагар, кој е сместен меѓу планини и има исклучително кратка писта. Проблеми имал и вториот авион, резервиран за спонзорите и делегацијата на федерацијата, кој исто така не можел да полета. Среќа да ја напуштат земјата навреме имале само Лукаш Хорничек и Томаш Соучек, бидејќи нивните клубови Брага и Вест Хем успеале да им организираат летови уште во раните утрински часови, пред времето целосно да се расипе.
По повеќе од 24 часа неизвесност, временските услови конечно се подобрија и Чесите објавија дека нивниот чартер-лет е подготвен за полетување, па така заврши едно од најтурбулентните гостувања на чешката репрезентација во последните години.



