Какво лудило: Трагикомичен пенал ги исфрли од Европа! (ВИДЕО)

Во квалификациите за Конференциската лига беше забележан еден од најбизарните моменти во поновата историја на натпреварувањата под капата на УЕФА, кој директно влијаеше на исходот на двомечот.

Фудбалот уште еднаш покажа дека може да приреди сосема неверојатни ситуации. На дуелот меѓу малтешкиот Хамрун и НСИ Рунавик од Фарските Острови, во самиот финиш на натпреварот се случи вистински хаос.

Домашните фудбалери беа убедени дека топката излегла надвор од теренот и дека судијата ќе досуди гол-аут, па дури и ја зедоа топката во раце.

Сепак, судијата не го делеше нивното мислење. Наместо прекин на играта, покажа на белата точка и досуди пенал во 91. минута.

Фудбалерите на Рунавик го искористија неочекуваниот подарок и славеа со 2-1, со што го добија двомечот со вкупни 3-2.

Играчите на Хамрун останаа во неверување по одлуката што целосно го промени текот на натпреварот, додека тимот од Фарските Острови прослави еден од најневеројатните пласмани во поновата историја на натпреварувањата на УЕФА.