ВИДЕО: Каква штета – Струга ТЉ прими гол во 96. минута за елиминација во Европа!

Македонскиот шампион Струга Трим Љум ги заврши настапите на меѓународна сцена, откако на реваншот со Пјуник забележа несреќен пораз од 3-1, со гол примен длабоко во судиското надополнување. На првата средба во Охрид резултат беше 2-1, па така ерменскиот претставник ги продолжува настапите во квалификациите за Конфренциската лига.

Искусниот стратег на клупата на стружани, Ќатип Османи, се реши за нова формација на ова гостување. Струга започна со тројца стопери, еден од нив беше летното засилување Спировски, кој на првата средба постигна мајсторски гол од голема далечина. Во првиот тим ги немаше Радески и Јевтовски, а нивните места ги зазедоа Укпа и Касами.

Дуелот во Ереван започна со тактично надмудрување и многу претпазлива игра на двете страни. Домашниот тим беше за нијанса поактивен, а првата закана ја испрати Дебле, кој во осмата минута со глава биеше покрај струшкиот гол.

Но, нешто подоцна токму искусниот сенегалски напаѓач го најде вистинскиот пат до мрежата и на својата екипа ѝ донесе предност од 1-0. Дебле откако доби топката во срцето на казнениот простор на противникот, прво со финта одлично се ослободи од двајца фудбалери на Струга и веднаш биеше, а топката од блокот на Стефан Спировски заврши во мрежата. Стружани уште несоземени од раната негатива, малку фалеше Дебле одново да ги казни. 34-годишниот напаѓач овој пат биеше прецизно со глава, но Дујмовиќ фантастично одбрани.

Шампионот во ПМФЛ долго време чекаше на својата вистинска шанса за погодок, а до таква се избори најдобриот. Во 25. минута Бесарт Ибраими биеше во свој стил од работ на шеснаесетникот на домаќинот, но Авагјан беше на висината на задачата и изби во корнер. По половина час игра Османи ја направи првата замена на натпреварот, од игра излезе Спировски, а на негово место влезе Бојан Илиески, кој во 40. минута одлично се уфрли од втор план и биеше силно, но само во добро поставениот домашен голман. Во периодот кога се очекуваше дека на полувреме ќе се замина со минимална предност на Пјуник, следуваше нов шок за стружани. Во 45. минута Коваленко мајсторски зафати една повратна топка и го совлада Дујмовиќ за предност на неговито тим од 2-0. 

Но, тоа не беше сè од возбудувањата во првото полувреме, бидејќи на сцена стапи Бесарт Ибраими. Најдобриот стрелец во историјата на ПМФЛ во судиското продолжение изведе мала мајсторија и го намали водството на домашниот тим на 2-1. Со лажно шутирање го исфрли одбранбениот фудбалер на Пјуник, а потоа со прецизен удар на втора статива ја смести топката во посакуваната цел.

На стартот од вториот дел Османи се реши да повлече уште еден потег и во игра го внесе Радески на местото на индиспонираниот Укпа, а поранешниот македонски репрезентативец веднаш испрати закана, а шанса за 2-2 испушти и Ибраими.

На спротивната страна Дујмовиќ одново ги покажа своите голмански вештини и со „пантерска“ интервенција му го одбрани зицерот на Отубањо, додека Ибраими во 60. минута одново беше во центарот на вниманието, но одново не најде начин како да го совлада домашниот голман. 

Во продолжение се играше доста претпазливо и двете екипи како да чекаа продолженија, но во 96. минута Коваленко од отпадок погоди во мрежата на Струга за победа на Пјуник од 3-1 и пласман во следната фаза. 

Следен противник на Пјуник ќе биде подобриот меѓу Диферданж и Ордабаси.