• Горан Упале

На повидок е голема сензација во Лигата на шампионите. Манчестер Сити, за многумина најголемиот фаворит пред да започне елитното натпреварување оваа сезона, е пред елиминација. Во дербито на претпоследното коло момците на Пеп Гвардиола одново чудесно прокоцкаа предност од два гола и од Париз си заминаа со пораз од 4-2 (0-0). На другата страна парижани со овие три бода се искачија во плеј-оф зоната, каде најверојатно и ќе останат по завршувањето на лигашкиот дел. Сити, пак, е на 25. место со само осум бода и во последното коло ќе мора да слави над Бриж, доколку сака да остане и понатаму во елитата.
- ПСЖ - Манчестер Сити 4-2:
Актерите на теренот одиграа две сосема различни полувремиња – здодевно и не така содржајно прв и неверојатно возбудливо второ ел. Од првите 45 минути за издвојување се само шансите на Фабио Руиз и Савињо, по кои Едерсон на едната и Донарума на другата страна запишаа одлични интервенции.
Во второто полувреме подзаборавениот Џек Грилиш, само што влезе во игра погоди за 0-1, а само три минути подоцна Халанд зголеми на 0-2. Сепак, радоста на „граѓаните“ не траеше долго, бидејќи Дембеле во 56. минута намали на 1-2, а веќе во следниот напад на парижани Баркола израмни на 2-2. Дембеле во 70. минута имаше огромна можност да донесе прва предност за својот тим, но неговиот „проктил“ од полу-десно заврши во пречката од гостинскиот гол.
„Светците“ почувствуваа дека Сити е во криза и уште посилно нападнаа, а тоа резултираше со нови два гола во мрежата на Едерсон. За 3-2 погоди Жоао Невес со глава на асистенција на Витиња, а конечните 4-2 ги постави резервистот Гонзало Рамос во 93. минута.
- Арсенал - Динамо Загреб 3-0:
По пауза од десет години екипите на Арсенал и Динамо Загреб одново се сретнаа во европската елита и во Лондон нова победа извојува премиерлигашот. На „Емирати“ резултатот беше 3-0, а со вечерашните три бода „топџиите“ веќе ја остварија првата зацртана цел во Лигата на шампионите – директен пласман во осминафиналето. Динамо Загреб, пак, го забележа третиот пораз и значително ги намали шансите за плеј-оф, затоа што сега падна на 26. место, а во последното коло ќе се сретне со Милан на домашен терен. Головите за Арсенал вечерва ги постигнаа Даклан Рајс, Каи Хаверц и Одегард.
Фудбалерите на Селтик продолжуваат со одличните игри во Лигата на шампионите. Шкотскиот шампион е без пораз веќе пет кола, а со вечерашната победа над Јанг Бојс и математички обезбеди пласман во плеј-офот. На „Селтик Парк“ домаќините славеа со минимални 1-0, а стрелец на единствениот гол беше Бенито, кој несреќно ја смести топката во сопствената мрежа.