ВИДЕО: Играч на Коритиба даде гол, славејќи падна во тунел и се повреди – па му го поништија!

Коритиба славеше со 2-1 против Чапекоенсе во натпревар од 22. коло на бразилската Серија А.

Сепак, овој дуел го одбележа неверојатна сцена во која во главната улога беше домашниот капитен Џејси. Тој постигна гол и во славјето успеа да се повреди и тоа на неверојатен начин. 

Џејси во финишот на првото полувреме погоди со глава и веднаш тргна кон трибината за да го прослави голот со навивачите. Во еуфоријата го прескокна рекламниот панел, но не забележа дека веднаш зад него има отворена дупка во кој пропадна.

Стануваше збор за тунелот кој води кон соблекувалните на гостинската екипа, а Џејси го подзаборави тој момент. Фудбалерот брзо се извлече и продолжи со прославата, иако при падот очигледно се повреди. За ситуацијата да биде уште побизарна, голот му беше поништен поради офсајд позиција. Иако продолжи со натпреварот, на стартот на второто полувреме побара замена.

Интересно е дека идентична сцена се случи и во 2014 година кога тогашниот играч на Коритиба, Жоел исто така заборави дека таму има тунел и по голот против Сао Пауло доживеа иста судбина.