ВИДЕО: Каква експлозија на заспаните „топџии“ - за ДЕВЕТ минути го расплакаа Вест Хем

Фреди Лунберг и неговиот помошник Пер Мертесакар стигнаа до својата деби-победа на клупата на Арсенал, откако нивните избраници го добија лондонското дерби против Вест Хем, победувајќи преку пресврт со 1-3 (1-0). Иако резултатот кажува сигурна победа на Арсенал, на терен ситуацијата беше сосема поразлична. Вест Хем не само што до 60 минути водеше, туку имаше многу повеќе од играта, создаде повеќе шанси за гол, но во клучните моменти заспаните „топџии“ се разбудија и за девет минути постигнаа три гола и по седум кикса во низа, конечно се радуваат на една победа во англиската елита.

  • Извештај од натпреварот:

Дуелот на „Градскиот стадион“ во Лондон започна со невидена доминација на Арсенал. По првите 20 минути „топџиите“ имаа дури 84% посед на топката, но тоа не донесе резултат, па првата изгледна шанса ја имаа домаќините. 

Летното засилување од Виљареал, Форналс биеше од полулево, но Лено беше на висината на задачата и успешно интервенираше. Неколку минути подоцна германскиот чувар на мрежата повторно беше ставен на маки и запиша нова одбрана при ударот на Антонио, но во 39. минута немаше шанса за реакција, откако Огбона биеше со глава, а од блокот топката го промени правецот и заврши зад неговиот грб, за водство на Вест Хем од 1-0. 

Арсенал повторно одигра очајно прво полувреме, единствена закана беше ударот со глава на Озил, а проблемите на Љунберг се продлабочија откако поради повреда играта ја напушти Тиерни и на негово место во игра влезе Колашинац. 

Ниту на стартот на вториот дел Арсенал не промени речиси ништо во својот пристап на играта, Љунберг им веруваше на 11-мината со кои го започна натпреварот, но неговите избраници продолжија со очајната игра. 

Грешките беа сè почести во таборот на гостите, но Лено на двапати имаше многу среќа. Најпрво, Снодграс пропушти голема шанса за нов гол на „чеканите“, додека Рајс, иако имаше чист пат, биеше млако и само во рацете на германскиот чувар на мрежата. 

И, кога се чинеше дека Вест Хем ја контролира играта, Арсенал за само девет минути постигна три гола и го презеде водството. На 1-1 израмни Мартинели, на асистенција на Колашинац, потоа блесна Пепе со супер-гол со лева нога, додека молк на трибините донесе Обамејанг, откако во пад биеше неодбранливо за Мартин за водство на гостите од 1-3. 

По неочекуваниот пресврт, Пелегрини со сите сили тргна во напад, го освежи нападот со Холанд и Хелер, но неговите избраници не можеа да се соземат од шокот и Вест Хем го запиша 100-от пораз во историјата од градскиот ривал. 

Состави

Manuel Pellegrini

4-4-1-1

    Freddie Ljungberg

    4-2-3-1