• Иван Димовски
Екипата на Сантос конечно може да здивне по драматичната завршница во бразилската Серија А, по победата над Крузеиро (3-0) која значеше опстанок.
Најголем херој во последните седмици беше Нејмар, кој и покрај повредата на коленото одигра серија блескави партии и директно го спаси клубот од испаѓање.
Во последните четири натпревари бразилската ѕвезда запиша пет гола и уште еднаш ја покажа врската со клубот каде што почна се. Наместо да оди на навремена интервенција, Нејмар одлучи да игра со болка и да ја одложи операцијата, само за да му помогне на Сантос во борбата за опстанок. По исполнувањето на целта, тој откри дека деновите што следат нема да бидат лесни.
„Ова беа тешки седмици за мене. Сакам да им се заблагодарам на сите што ми помогнаа. Да не беа тие, немаше да можам ниту да ги играм сите овие натпревари поради повреди. Сега ќе одморам малку, а потоа ќе морам да го оперирам коленото“, рече Нејмар.
Селекторот Карло Анчелоти неодамна најави дека би го повикал на Светското првенство само ако биде целосно подготвен, па затоа Бразилецот во наредниот период ќе се фокусира на рехабилитацијата со надеж дека ќе биде подготвен.


