„Каков напаѓач! Се надевам Миовски ќе ни донесе барем два Куп-трофеи пред да замине во ПЛ“

Бојан Миовски одново беше херојот на Абердин, овојпат во полуфиналето на Лига купот со победоносниот гол на гости кај Хибернианс (0-1). Штипјанецот го одведе својот тим во натпреварот за трофејот, а навивачите се пресреќни од неговите партии. 

На социјалните мрежи и во шкотските медиуми блиски до клубот не недостигаат пофалби за македонскиот репрезентативец. Навивачите се одушевени од неговите партии, а коментарите по полуфиналниот меч се неверојатни. Приврзаниците на Абердин „бараат“ од Миовски да им донесе барем два Куп-трофеи пред да замине во Премиер лигата, а некои сметаат и дека тој е најдобриот напаѓач кој клубот го имал со години наназад.

„Каков играч! Мора да уживаме додека го носи нашиот дрес, тој летово ќе замине за многу пари. Се работи за топ играч, клубовите ќе чекаат во ред да го Купат“. 

„Уживајте додеја е тука, игра неверојатна сезона. Ако Миовски играше против нас, мислам дека ќе примевме три или четири гола. Со него во тимот, секогаш имаме шанса да победиме“.

„Го обожавам! Те молам донеси ни барем два Куп-трофеи пред да заминеш во Премиер лигата“. 

„Можеби најдобриот напаѓач во лигата. Бележи неверојатен напредок сезонава. Бојан стана побрз и посилен и се подобри во завршница“. 

„Миовски е најдобриот напаѓач кој сме го имале во изминатите години“, се дел од коментарите на навивачите.

Сезонава Миовски одигра осумнаесет натпревари во сите конкуренции, постигна десет погодоци и подели три асистенции. Во повеќе наврати неговите голови беа одлучувачки, па вниманието кое го привлекува врз себе е сè поголемо.