Каков крај на сезоната во Франција: Авр во 96. минута обезбеди опстанок, а Стразбур остана без Европа!

Со нова шампионска титула на Пари Сен Жермен беше спуштена завесата во сезоната во Лига 1. Францускиот шампионат заврши прв од петте најсилни лиги, а последното коло донесе две клучни промени на табелата и тоа со гол во 96. минута. 

ПСЖ уште од поодамна ја одбрани шампионската титула, a вечерва фаворитската улога ја потврди и на средбата со Оксер, на која славеше со 3-1. Место во Лигата на шампионите обезбедија уште Олимпик Марсеј и Монако, додека Ница ќе игра квалификации. Лил со денешната победа над Ремс го потврди петтото место и пласманот во Лига Европа, додека Стразбур тагува, затоа што испушти водство против Авр и на крај со гол во шестата минута од продолжението загуби со 2-3 и со тоа остана без пласман во Европа следната сезона. 

Стразбур беше на прагот од учество во Конференциската лига, но со овој пораз падна на седмата позиција, а меѓународни натпревари обезбеди Лион, кој потребните три бода за шесто место ги освои против Анже.

Авр, пак, со херојската победа побегна од црвената зона и обезбеди опстанок, додека бараж ќе игра Ремс. Во втора лига се селат Сент Етјен и Монпелје.