Како е тоа можно: Во ФИФАПро тимот нема место за третиот најдобар фудбалер и најдобриот голман

Салах и Куртоа

Изборот на Лука Модриќ за најдобар фудбалер според ФИФА не донесе никаква дискусија, но затоа нелогичен беше изгледот на најдобриот тим во светот.

Тибо Куртоа беше изоставен, иако ја доби наградата за најдобар голман, а Мохамед Салах не се најде меѓу најдобрите 11, иако беше меѓу тројцата финалисти покрај Модриќ и Роналдо.

Француските медиуми беа незадоволни од пласманот на Антоан Гризман, кој освои гласови доволни за шестата позиција. Напаѓачот на Атлетико Мадрид постигна голем број на голови, а освои трофеј во Лига Европа и Светското првенство во Русија, со репрезентацијата на Франција.

Дани Алвес влезе во тимот, иако одигра само 18 меча за ПСЖ и Бразил во минатата сезона, не настапи на Мундијалот и не одиграл ниту минута во новата сезона.

Изборот во Лондон беше бојкотиран од Лионел Меси и Кристијано Роналдо, најдобрите фудбалери на денешницата, кои по подолго време беа симнати од тронот.