• Саше Љолес
Во јуни годинава за првпат ќе се одржи Светско првенство за играчи повозрасни од 35 години. Учество на овој Мундијал ќе земат вкупно осум репрезентации кои во минатото барем еднаш стигнале до светскиот фудбалски трон.
Осум селекции ќе бидат распоредени во две групи, а на терените ќе настапат играчи повозрасни од 35 години, кои ќе бидат надополнети со фудбалери кои имаат над 100 настапи во домашнте првенства. Организатор на овој Мундијал е „Елит Плејерс Груп“ - Здружение на поранешни врвни фудбалери и бизнисмени кои сакаат да инвестираат во овој спорт.
Натпреварите би траеле по 70 минути, а секоја екипа ќе има право на „летачки замени“ од вкупно 18 играчи во секоја репрезентација. Засега е познато дека Англија ќе биде предводена од Стив Мекманаман, Роби Фаулер, Мајкл Овен и Френк Лампард, додека за Аргентина сигурно ќе настапат Естебан Камбијасо, Хернан Креспо и Пабло Забалета.
Останати репрезентации кои ќе учествуваат на Мундијалот се Италија, Бразил, Германија, Франција, Уругвај и Шпанија, а во таборот на „аѕурите“ се очекува да се појават Марко Матераци, Фабио Канаваро и Франческо Тоти, додека во шпанскиот дрес ќе истрчаат Мичел Салгадо, Давид Виља и Карлес Пујол. Сите останати селекции во својот состав ќе имаат огромни ѕвезди на фудбалската игра, а публиката очекува големи возбудувања од овој ревијален Мундијал, кој ветува добра забава за сите присутни. Можеби најголемо внимание ќе привлече составот на Бразил, каде се очекува да заиграат легендарните Кака, Роналдињо, Ривалдо и Бебето.
Елиминациските натпревари треба да започнат на 4 и 5 јуни, а финалниот меч е закажан за 11 јуни. Овој голем фудбалски настан ќе се одржи во периодот помеѓу финалето во Лигата на шампиони и почетокот на Европското првенство во Германија.