КАФ најави истрага и остри казни по финалето меѓу Сенегал и Мароко

Африканската фудбалска конфедерација (КАФ) издаде соопштение по финалето на Африканскиот куп на нации, кое имаше скандалозен крај. Фудбалерите на Сенегал го кренаа својот втор трофеј во последните три настапи на континенталното првенство со минималниот триумф (1-0), и за малку немаше да го дочекаат крајот на натпреварот.

Вината падна на конгоанскиот судија Жан-Жак Нгамбо Ндала, кој досуди пенал за Мароко веднаш по поништување на гол на Сенегал. Двете одлуки беа контроверзни, што беше премногу за гостите, па селекторот Папе Тиау ги повлече од теренот.

На инсистирање на капитенот Садио Мане, играчите се вратија, Брахим Диаз промаши пенал, а Сенегал на крајот славеше со гол во продолжението. Сепак, настаните на теренот, околу него, на трибините и во конференциската сала нема да поминат без казна.

КАФ објави дека ќе се спроведе истрага, по што сите одговорни ќе бидат казнети.

„Конфедерацијата на африкански фудбал го осудува неприфатливото однесување на неколку играчи и службени лица за време на финалето на Африканскиот куп на нации помеѓу Мароко и Сенегал. КАФ остро го осудува секој облик на неприфатливо однесување за време на натпреварите, особено она насочено кон судиите или организаторите.

Ги прегледуваме сите снимки и сите докази ќе бидат доставени до надлежните органи за да можат да се преземат мерки против одговорните“, се вели во соопштението на КАФ.

Поради сè што се случи, ова не беше само едно од најгледаните финалиња на Африканскиот куп на нации, туку и едно што ни ги покажа по којзнае кој пат сите недостатоци на африканскиот фудбал.