„Каде ќе оди Гризман? Не ме интересира, Симеоне е разочаран од неговата одлука“

Претседателот на Атлетико Мадрид, Енрике Серезо не го криеше своето изненадување, а воедно и разочарување од одлуката на Антоан Гризман да го напушти тимот од „Ванда Метрополитано“ по завршувањето на сезоната.

Французинот по цели пет сезони ќе ги напушти „јорганџиите“, а негова следна дестинација скоро сигурно ќе биде тимот на Барселона, иако за неговите услуги е заинтересиран е и ПСЖ. На сметката на Атлетико Мадрид од заминувањето на напаѓачот ќе легнат околу 120 милиони евра, колку што по 1 јули изнесува и неговата откупна клаузула.

„Повеќе сум разочаран, отколку лут, но ќе ја почитуваме неговата одлука. Тој одлучи дека треба да замине и јас немав можност да го убедам во спротивното. Негов нов клуб? Не знам и едноставно не ме интересира. Сè уште не сме добиле официјална понуда, но се надевам дека и во новиот клуб ќе го има истиот третман како и кај нас“.

„Исто така од неговата одлука е разочаран и Диего Симеоне, како и сите останати во тимот“, заврши Серезо.

Покрај најавеното заминување на Гризман, од клубот на Атлетико Мадрид на крајот на сезоната сигурно ќе заминат и Лукас Ернандез кој се сели во Баерн Минхен и Диего Годин, кој наредната сезона ќе го носи дресот на Интер.