ВИДЕО: Кабал човек на одлука, минималец на Јувентус во Болоња

Фудбалерите на Јувентус славеа минимално на гостувањето кај Болоња (0-1) во натпреварот од 15. коло на италијанската Серија А. Средбата на „Ренато Дал'Ара“ ја реши еден единствен погодок кој беше дело на Хуан Кабал во вториот дел. 

  • Извештај од натпреварот:

Стартот на натпреварот беше израмнет, прв се закани Орсолини за домашните, а потоа во продолжението Џонатан Дејвид имаше поништен гол. Се тресеше и пречката на Ди Грегорио по ударот на Зортеа, но немаше голови во првиот дел.

Во продолжението се влезе мирно и без премногу возбудувања, а голот кој се испостави како победоносен падна во 65. минута. Осамен во петерецот остана Кабал по еден центаршут на Јилдиз, па без многу проблеми со глава го матира домашниот голман за 0-1.

Набргу потоа Хегем направи голема глупост, го фаулираше Опенда кој трчаше сам кон голот и доби директен црвен картон. Со десетмина Болоња немаше сили да го загрози гостинот кој стигна до трите бода и ја прескокна на петтото место на табелата. 

Сега Јувентус има 26, а Болоња е шестопласирана со 25 бода.