Прваците на Јужна Америка и Европа во клинч за Интерконтиненталниот Куп

Јужноамериканскиот шампион Фламенго обезбеди пласман во финалето на годинашното издание на Интерконтиненталниот куп, откако во полуфиналниот дуел одигран во Катар славеше со 2-0 против африканскиот првак Пирамидс. Со оваа победа, бразилскиот гигант направи уште еден чекор кон глобалниот трофеј, а воедно беше награден и со пехарот „Челинџер куп“, кој му го врачи лично претседателот на ФИФА, Џани Инфантино.

Двата погодоци беа постигнати по прекини, а главна улога одигра уругвајскиот плејмејкер Де Араскаета, кој со прецизни изведувања од слободен удар ја креираше разликата. Во 24. минута, Лео Переира највисоко скокна во шеснаесетникот и со удар со глава го отвори резултатот, додека во 52. минута, по слично сценарио, Данило ја затресе мрежата за конечни 2-0.

Иако Пирамидс се обиде да се врати во натпреварот во продолжението, африканскиот шампион не успеа да пронајде решение за цврстата одбрана на Фламенго, кој рутински ја задржа предноста и го завери триумфот.

Со оваа победа, Фламенго закажа финален спектакл против европскиот првак ПСЖ кој директно обезбеди место во завршниот меч. Големото финале на Интерконтиненталниот куп е закажано за 17 декември во Доха, каде што ќе се сретнат двата континентални шампиони во борба за престижниот трофеј.