Јужна Африка директно се пласираше на СП 2026, Осимен и Нигерија во плеј-офот!

Репрезентацијата на Јужна Африка вечерва се избори за пласман на Светското првенство откако ја победи Руанда со 3-0 дома во последното, 10-то коло од квалификациите во групата Ц.

Головите за Јужна Африка ги постигнаа Таленте Мбата во петтата минута, Освин Аполис во 26. минута, и Евидент Макгопа во 72. та минута од мечот. 

Јужна Африка заврши прва во групата со 18 бода и директно се квалификуваше за Светското првенство.

Нигерија заврши на второто место, со еден бод помалку, откако денес го победи Бенин со 4-0 во директен натпревар за плејофот на домашен терен. 

Виктор Осимен постигна три гола за Нигерија во третата, 37. и 51. минута, додека Френк Оњека ги постави конечните 4-0 во првата минута од судиското продолжение.